Етички кодекс
ПРИНЦИПИ НА ОДНЕСУВАЊЕ:
Слободата на медиумите е неприкосновено право.
Основна задача на новинарите е да ја почитуваат вистината и правото на јавноста да биде информирана во согласност со член 16 од нашиот Устав.
Новинарите имаат улога да пренесуваат информации, идеи и мислења и право да коментираат.
Почитувајќи ги етичките вредности и професионалните стандарди во пренесувањето на информациите, новинарите ќе бидат чесни, објективни и точни.
Право и должност на новинарите е да настојуваат да ја спречат цензурата и искривувањето на вестите.
Следејќи ја својата улога во градењето на демократијата и на цивилното општество, новинарите ќе ги бранат човековите права, достоинството и слободата, ќе го почитуваат плурализмот на идеите и ставовите, ќе придонесуваат за јакнење на правната држава и во контролата на власта и на другите субјекти од јавниот живот.
ВРЗ ОСНОВА НА ОВИЕ ПРИНЦИПИ И ЕТИЧКИ ВРЕДНОСТИ:
- Новинарот има право на слободен пристап и одговорно користење на сите извори на информации од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни и проверени информации, нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Прикривањето факти е еднакво со нивното намерно искривување.
- Новинарот треба да ја провери точноста на информацијата колку што е тоа можно и од меѓусебно неповрзани извори. Новинарот ќе го именува изворот на информациите, а ако изворот бара да остане анонимен, ќе го заштити. Доколку информацијата има еден извор, не може да се потврди или станува збор за претпоставка, тоа треба да се нагласи.
- Плагијаторството, фалсификувањето и/или манипулирањето со содржини се спротивни на новинарската етика и се неприфатливи.
- Новинарот има обврска да овозможи фер и навремено објавување демант или исправка што може значително да влијае врз објавената содржина, односно секогаш кога станува збор за изнесени факти што се очигледно неточни.
- Новинарот има обврска секоја измена на веќе објавена содржина да ја означи јасно и без одлагање. Исправките треба да бидат лесно видливи и директно поврзани со основната информација.
- Новинарот треба да прави разлика меѓу фактите и мислењата, меѓу веста и коментарот. Насловот и визуелизацијата треба да ја одразуваат содржината на новинарскиот производ.
- Новинарот не смее да ја злоупотребува својата професионална позиција за лична корист. Подароците, услугите, паричните надоместоци, патувања, привилегии, вработувања или какви било поволности што може да влијаат врз неговата независност или да создадат перцепција за пристрасност, се неприфатливи. Тргувањето со влијание, корупцијата, изнудата и конфликтот на интереси се спротивни на новинарската етика. При потенцијален судир на интереси, новинарот има обврска за транспарентност кон јавноста.
- Новинарската содржина мора да биде јасно разграничена од рекламна или спонзорирана содржина, за јавноста да не се доведе во заблуда.
- Новинарот ќе ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е од јавен интерес.
- Известувањето за несреќи, трагедии, војни, болести, лични страдања и други чувствителни теми, мора да биде ослободено од сензационализам. Новинарот треба да информира со емпатија и со почитување на достоинството на засегнатите лица.
- Известувањето за самоубиства и обиди за самоубиства не смее да води кон детални описи и споделување експлицитни фотографии и видеоматеријали.
- Новинарот е должен да ги почитува правата, достоинството и најдобриот интерес на децата, лицата со попреченост и другите ранливи групи граѓани. Децата и лицата со ограничена способност за расудување не смеат да се интервјуираат, фотографираат, снимаат или да се објавуваат содржини поврзани со нив, без согласност од родител/старател, освен кога тоа не нанесува штета и станува збор за јавен интерес.
- При известување за кривични дела и за судски постапки, новинарот ќе ја почитува презумцијата на невиност и никого нема да прогласи за виновен пред тоа да го направи судот.
- Новинарот нема да создава или да преработува содржини што ги загрозуваат човековите права и слободи. Не смее да користи говор на омраза, ниту да поттикнува насилство или дискриминација по која било основа.
- Новинарот треба непристрасно да известува за политички прашања, вклучително и за избори, што не значи само привиден баланс, туку и фер претставување на релевантни факти и ставови. Новинарот не смее да ја користи својата професија за лична политичка промоција, промоција на политички и бизнис-елити, ниту да учествува во активности што можат да го доведат во директен судир на интереси. Секоја форма на политичко рекламирање или спонзорирана содржина мора јасно да биде означена.
- Создавањето новинарска содржина со вештачка интелигенција мора да биде јасно означено. Новинарот е целосно одговорен за точноста на информациите и интегритетот на медиумскиот производ. Неприфатливо е користење вештачка интелигенција за создавање или ширење лажни, манипулативни или суштински изменети содржини, кои можат да ја доведат јавноста во заблуда. Новинарскиот производ не смее да претставува целосно генерирана содржина од вештачка интелигенција.
- Објавувањето новинарски содржини обезбедени со тајно снимање не е дозволено, освен ако информацијата не може да се обезбеди на друг начин и за тоа постои јавен интерес.
- Новинарот има право да одбие работна задача доколку е во спротивност со принципите на овој Кодекс.
ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ:
- Новинарите што работат во согласност со овој Кодекс, ја уживаат поддршката на својата медиумска куќа и на својата професионална организација.
- За почитувањето на одредбите од Кодексот се грижат новинарските и медиумските саморегулаторни тела.
